logo

Да ги земеме правата во наши раце

Детското учество зема се поголем замав во нашето училиште. Учениците кои се учат на самостојност, независност, многу полесно учат да се борат за своите права. Тие ја развиваат својата самодоверба и самоувереност бидејќи ја почувствувале обврската, превземале лична одговорност. Само така можат да се изградат личности и идни возрасни кои научиле за правата и одговорностите.
Во рамките на проектот „Да ги земеме правата во наши раце“ кој го спроведува првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, овие години се спроведуваат бројни активности. Посетата на градоначалникот на општина Виница на 17-ти октомври е резултат од неколку претходни подготовки за децата јавно да го искажуваат своето мислење и да се борат за своите права. Имено, претходната учебна година 20 ученика од VII одд. присуствуваа на работилница за детските права која ја водеше Зоран Илиески (Коалиција СЕГА) ангажиран од ПДАС„Меѓаши“. Исто така, од 20-ти до 22-ри септември 2019г. се одржа семинар во Детското одмаралиште „Мајски цвет“, Струга. На истиот беа присутни претставници од „Меѓаши“, по три ученика , три родители и претставници од трите училишта кои се вклучени во проектот од Скопје, Дебар и Виница. Јазичната бариера не ги спречи учениците да уживаат во друштвото, да направат убави детски спомени. Се споделија многу идеи, се изразија желбите и потребите на децата . Возрасните имаа можност да го чујат нивниот сплотен детски глас, да бидат сведоци за тоа како децата ги бараат своите права и јавно го искажуваат своето мислење. Имено, децата најпрво презентираа за прекршените детски права, имаа барања до возрасните а потоа и кажуваа какво училиште сакаат. На истите теми работеа и возрасните ( родителите и претставниците од училиштата). Мислењата се поклопуваа откако меѓусебно си презентираа кој што сработил. Сите се согласија дека сакаат подобри и поквалитетни училишта во кои се следи детскиот развој, се учи низ игра и се одговара на потребите на сите ученици. Оттаму произлезе идејата за посета на градоначалникот.
Вчера учениците на кратка работилница со Драги Змијанац од „Меѓаши“ се подготвија за приемот кај градоначалникот. Прашањата кои ги отворија се поврзани со проблемите кои ги регистрирале во врска со учениците, а се однесуваат на: потребата за велосипедски патеки; проблемите со кучињата скитници; отварање на кино; проблемот со водоснабдувањето во с.Лески; конкретно барање од општината да се помогне на ученик од социјално-ранлива категорија. Притоа двајца записничари и една снимка го овековечија настанот. Активностите продолжуваат…

Категории Новости